јуни 14, 2026

„Жени се, сине!“

Со многу смеа, аплаузи и препознатливи животни ситуации, претставата „Жени се, сине!“ на Црвен крст Суботица го затвори овогодинешното издание на фестивалот „Вдиши театар“ во Охрид.

Станува збор за комедија која на духовит и сатиричен начин ја отсликува реалноста на современото балканско семејство, оптоварено со кредити, потрошувачки навики и постојаната трка по привиден успех. Низ приказната за едно просечно семејство кое се соочува со финансиски проблеми, долгови и семејни недоразбирања, публиката имаше можност да се препознае во бројни ситуации кои денес се дел од секојдневието.

Во фокусот се најде и темата за неженетиот син, околу кого се развиваат многу хумористични ситуации. Публиката беше активно вклучена во претставата преку интеракција со актерите и изведба на македонски песни, а дополнителна смеа предизвика приказната за Македонка која им се допаѓа на двајца другари, за на крајот да се открие дека е веќе мажена.

Актерите успеаја преку хумор да испратат силна порака за современото општество во кое осаменоста, несигурноста и проблемите често се прикриваат зад лажен сјај, кредити и наметнати трендови. Пораката на претставата е едноставна, но важна: да се вратиме кон автентичноста, чесната работа и прифаќањето на луѓето такви какви што се.

Со оваа претстава беше спуштена завесата на годинашниот фестивал „Вдиши театар“, кој и оваа година уште еднаш покажа дека театарот е место каде се среќаваат различни приказни, генерации и култури, а човечноста секогаш останува во центарот на сцената.

Низ богатата програма и гостувањата од различни средини, „Вдиши театар“ повторно го оправда своето постоење и значење, збогатувајќи ја културната понуда на Охрид и нудејќи му на градот уште едно успешно фестивалско издание кое ја потврди потребата од вакви настани и во иднина.

< врати се назад