Вдиши театар – 2019
Во организација на Црвен крст на Република Македонија-Општинска организација Охрид од 12 до 16 јуни се одржа шестото издание на Аматерскиот младински театарски фестивал ВДИШИ ТЕАТАР 2019. Отворањето на фестивалот на 12.06.2019 го означи настапот на актерската група на Општинска организација Охрид со изведба на претставата „ДОМИНО“, а во наредните денови на сцената во предворјето на црквата Св.Софија и НУЦК „Григор Прличев“ љубителите на театарот уживаа во оригиналните и креативни театарски претстави во изведба на актерските групи од, Црвен крст Суботица, Црвен крст Крагуевац, Црвен крст Битола и Црвен крст Ужице.
Со музичко-сценскиот перформанс „ВДИШИ ТЕАТАР 5“ младите на Општинска организација Охрид на креативен начин направија кратка ретроспектива на сите 5 претстави на Општинска организација Охрид кои го отвараа театарскиот фестивал Вдиши Театар од 2014 година и ја најавија овогодинешната театарска претстава на Црвен крст Охрид со наслов „ДОМИНО“ во режија на Jован Цветкоски, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц.
Публиката не ги криеше емоциите и воодушевувањето од вештините и креативноста со кои младите талентирани актери аматери на Општинска организација Охрид сликовито ги пренесоа пораките дека животот е како ДОМИНО и кога ќе се случи некој настан, тоа предизвикува да се случи нешто друго, па нешто трето, и така сѐ со ред, додека не дојде до некоја кулминација од таа серија настани…а животот е полн со настани кои неизбежно се случуваат.
И оваа година Меѓународниот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ ги исполна очекувањата на организаторот Општинска организација Охрид, а ценејќи според големиот интерес, посетеноста и позитивните реакции и коментари на публиката, овој фестивал е светла точка во охридскиот културен простор.
Кога на тоа ќе се додаде и можноста која младите целосно ја искористија да креираат театарската игра и да ја афирмираат својата талентираност и сплотеност без јазични, или било какви други бариери, силните хумани пораки кои ги упатуваат преку театарските претстави, контактите и врските воспоставени со меѓусебното дружењето во овие четири дена, со право „ВДИШИ ТЕАТАР“ претставува препознатлив производ и во земјата и во странство, со кој Општинска организација Охрид се гордее.