декември 22, 2021

Превенција и грижа за оралното здравје кај младата популација

На ден 21.12.2021 година, Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Охрид и Советот на родители при ООУ “Григор Прличев” Охрид организираа едукативна online работилница на тема Превенција и грижа за оралното здравје кај младата популација заедно со  Д-р Кристина Стојаноска Алоска, доктор стоматолог од стоматолошка ординација Етадент-Охрид и волонтер при Општинска организација Охрид. Работилницата се одржа со ученици од трето одделение од ООУ “Григор Прличев”Охрид.

Во рамки на предавањето, дечињата добија совети за начинот на водење на оралната хигиена со техника на четкање на заби, зошто е важна посетата на стоматолог, кариесот и начинот на превенција, како и за здравата и нездрава исхрана. По презентацијата следеше дискусија со учениците и наставниците, каде децата прашуваа за користење на електрични четки, користење пасти на база на флуор, од кога до кога се менуваат забите, носење на помагала. Исто така, им беше објаснето што значат превентивните прегледи.

На децата им беа посочени како дополнителна литература каде можат да прочитаат корисни совети и чекори за грижа за забите, двете брошури кои Д-р Стојаноска Алоска ги има издадено во 2014 година „Грижа за забите“ и во 2015 година „Насмевка без кариес“, во издание на Општинска организација Охрид, наменети за малите деца и нивните родители. Автор е и на книгата десет приказни за забите под наслов „Насмевка за петка“, која, исто така, им беше препорачана на децата за читање.

Заклучокот од оваа едукативна работилница беше дека има потреба од вакви едукации, бидејќи потребно е децата да добијат совети од стручни лица за одржување на оралното здравје и последиците од негрижата за забите.

< врати се назад