април 1, 2026

Показна вежба за евакуација при елементарна непогода

На 31.03.2026 година, во ООУ „Григор Прличев“ во Охрид, успешно се реализираше показна вежба за евакуација при елементарна непогода, организирана преку заедничка соработка и координација на повеќе институции.

Високо ниво на професионалност, координираност и ефикасност демонстрираа тимовите на Територијалната противпожарна единица Охрид, Секторот за внатрешни работи Охрид, како и тимовите за прва помош, реалистички приказ на повреди и психолошка прва помош при Црвен крст Охрид. Активностите се реализираа во соработка со Центарот за управување со кризи – Одделение Охрид и Дирекцијата за заштита и спасување – Одделение Охрид.

Симулациската вежба се одвиваше според сценарио на земјотрес и пожар, со реално време на реакција и интервенција на надлежните служби. Учениците, наставниот кадар и техничкиот персонал покажаа високо ниво на подготвеност, присебност и одговорност при навремена и безбедна евакуација од училишниот објект.

Со оваа вежба, училиштето го тестираше и практично го примени Планот за заштита и спасување, како и Планот за евакуација, во согласност со законските обврски за редовно спроведување на вакви активности. Целта беше сите учесници да се запознаат со правилните насоки на движење, мерките за заштита и соодветното постапување во услови на елементарна непогода.

Ваквите активности имаат значајна улога во унапредување на безбедноста во училиштата и јакнење на подготвеноста за навремена и ефикасна реакција во кризни ситуации.

Изразуваме голема благодарност до сите институции и учесници за нивниот придонес во успешната реализација на вежбата.

Безбедноста е заедничка одговорност!

< врати се назад