мај 5, 2019

ООПП 2019

На 48-от општински натпревар по прва помош, кој во организација на Црвен крст на Република Македонија – Општинска организација Охрид на 04.05.2019 се одржа во Охрид, учениците од основните и средните училишта од Охрид и Дебарца организирани во екипи од подмладок и младина се натпреваруваа во укажување прва помош. Преку 70 млади организирани во 12 екипи на 5 пунктови низ градот ги презентираа стекнатите знаења, вештини и техники за укажување прва помош. Најуспешна, во категоријата подмладок беше екипата на ОУ Св.Климент Охридски, а во категоријата младина првото место и правото на учество на Државниот натпревар по прва помош, го освои екипата на ОСУ Кирил и Методиј.

За регуларноста на натпреварот и оценувањето на екипите се грижеа 19 судии (лекари, парамедици на Црвен крст Охрид), а за реалниот приказ на сценаријата и „повредите“ на пунктовите се погрижи тимот на млади на Црвен крст Охрид . Во овој циклус на подготовка на учениците, со активно учество на менторите од секое училиште и волонтерите-тренери и инструктори по прва помош на Црвен крст Охрид, со најновите знаења, техники и вештини за укажување на прва помош се здобија преку 300 млади. Во едукативниот и забавниот дел од натпреварот младите ги покажаа своите знаења за движењето на Црвениот крст и танцовите способности.

< врати се назад