март 22, 2023
Одбележување на 17 Март – Ден на крводарителството и Ден на формирањето на Црвен крст
По повод 17 Март, Денот на крводарителството и Денот на формирањето на Црвениот крст на РСМ, во просториите на Црвен крст Охрид се одржа пригодна свеченост, на која беа доделени јубилејни признанија на најзаслужните крводарители за 5, 10, 25, 50, 75 и 100 дарувања од Општина Охрид и Дебрца. Исто така, признанија им беа доделени и на поединци, фирми и институции кои придонеле за развој и унапредување на крводарителството во Охрид и Дебрца.
Плакета за 100 крводарувања доби охриѓанецот Иво Милески кој им порача на младите активно да се вклучат во хуманото семејство на крводарители, посочувајќи дека чинот на дарување крв е голем и хуман и дека со дарување на скапоцената течност помагаме во спасување на човечки животи.
Плакети за 75 крводарувања им се доделија на Бранко Трајкоски и Јордан Мицкоски, а плакети за 50 крводарувања на Благоја Ристески, Фетије Имероска, Ѓорѓи Дуноски, Марјан Цветаноски и Ведат Абдијески.
Признанијата – Плакети нa Црвен крст Охруд за развој, унапредување и омасовување на крводарителството им се доделија на следните институции и граѓани: СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ Охрид, Општина Охрид и Љиљана Вељаноска.
Претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, истакна дека крводарителството во Македонија е во подем и дека 2022 година може да се оцени како успешна година за крводарителството во Охрид. Според него, радува фактот што бројот на првократни дарители се зголемил за околу 30%. Тој ѝ се заблагодари на сè поголемата армија на хумани луѓе кои несебично продолжуваат да спасуваат животи дарувајќи крв.
Црвен крст Охрид континуирано и посветено работи на промовирање и на унапредување на крводарителството во Охрид и Дебрца.
Како резултат на посветеноста на активистите на Црвен крст Охрид и на службите за трансфузиона медицина и благодарение на крводарителите и на сите поединци, фирми, институции кои на било кој начин придонесле кон развој и унапредување на крводарителството, во изминатата 2022 година се реализираа 16 крводарителски акции на коишто се даруваа 1279 крвни единици и, така, се задоволија потребите за крв и крвни продукти на пациентите во здравствените установи во нашиот град. Хуманоста што ја покажаа нашите крводарители преку доброволно дарување крв придонесе да бидат спасени многу човечки животи.
Црвен крст Охрид изразува благодарност и почит кон сите крводарители, поединци, фирми, институции кои го помогнале развојот на крводарителството во Охрид и Дебарца.