Home » Главни вести » Медицински тимови од вечерва ќе прават прегледи на капачите
јануари 18, 2023
Медицински тимови од вечерва ќе прават прегледи на капачите
Се е подготвено за утрешното празнување на Богојавление Водици во Охрид. Од вечерва медицинските тимови на Црвен крст Охрид вршат основни здравствени прегледи на лицата кои ќе скокаат по Светиот крст. За безбедноста на капачите ќе се грижат неколку тимови на спасители на вода, кои ќе бидат распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, нуркачки тимови, како и медицински тимови за укажување прва помош со амбулантско возило.
Од вечерва медицинските тимови на Црвен крст Охрид вршат основни здравствени прегледи на лицата кои ќе „скокаат по Светиот крст“. Температурата на водата во Охридското езеро изнесува 9 С, токму затоа од Црвениот крст апелираат капачите да бидат исклучитлено претпазливи.
Според прогнозите ќе има и релативно ниска температура на воздухот (околу 9 С, а ќе дува југозападен ветар со брзина од околу 9 м/с.)
Апелот е да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем, да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, само топли безалкохолни напитоци-чај. Оние што ќе влегуваат во вода, да не се задржуваат подолго од три минути.
Апелираме до сите оние кои што ќе влегуваат во вода да ја проверат својата здравствена состојба, доколку не се здрави и чувствуваат некаква слабост да не влегуваат во водите на Охридското Езеро. Доколку влегуваат тоа да го направат со обувки, никако да не конзумираат алкохол, ниту пред влегување ниту потоа. Секако да имаат топла и сува облека за по излегување од водата – вели Сашо Точков, претседател на Црвен Крст Охрид.
За безбедноста на капачите утре ќе се грижат неколку тимови на спасители на вода, кои ќе бидат распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, нуркачки тимови, како и медицински тимови за укажување прва помош со амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.
Ќе имаме четири екипи на спасители на вода тоа е негде околу 12 спасители и пет медицински тимови значи околу 15 медицински лица кои ќе се грижат за безбедноста со две амбулантски возила на Црвениот крст и една екипа од Итната медицинска помош со едно амбулантско возило – додава Точков.
Утре во 10 часот ќе се случи свечениот чин на осветување на водите на Охридското езеро. За празникот Богојавление Водици во Охрид се случува најмасовната црковно народна манифестација во земјава. Стотици капачи и илјадници верници ќе бидат на градското пристаниште.