декември 6, 2021
Илкер Мустафа – Добитник на благодарница за посебен придонес во реализацијата на целите и задачите на ЦКРСМ
По повод Светскиот ден на волонтерството, Црвениот крст на РСМ организираше пригоден настан на 3-ти декември во хотел DoubleTree by Hilton Скопје со цел да се оддаде признание за придонесот на волонтерите на Црвен крст. Настанот се одржа под мотото „Хероите меѓу нас – Незапирливи“, асоцирајќи на посебните напори на нашите волонтери кои делуваат понекогаш и во исклучителни околности обезбедувајќи поддршка и помош за различни целни групи погодени од итни состојби и ризици. Доделени беа 11 благодарници на волонтери на Црвениот крст на РСМ кои дале посебен придонес во реализацијата на целите и задачите на националното друштво во 2021 година, меѓу кои и волонтерот од Црвен крст Охрид Ilker Mustafa.
Илкер Мустафа се вклучи во активностите на Црвен крст Охрид за ублажување на последиците од пандемијата на КОВИД-19 во првите кризни денови. Како член на мобилните тимови формирани во март 2020 година, несебично вложуваше труд и време за да им укаже помош на оние на коишто им беше најпотребна. Исполнителен и доверлив, Илкер придонесе кон вклучување и одржување на соодветни услуги наменети за ранливите граѓани во одговорот на Црвен крст Охрид на пандемијата; непосреден и ведар во комуникацијата со корисниците на услугите на Црвен крст Охрид, секогаш подготвен да сподели убав збор, Илкер донесе насмевки на многу лица во Охрид и во охридско. Неговите одлични комуникациски и вештини за дејствување во тим, неговото знаење и искуство, како и неговата совесност во работењето, го истакнаа како одличен соработник и придонесоа кон создавање позитивна работна атмосфера во време на неизвесност и вонредни услови за работа.
Исклучителен е доброволниот придонес на Илкер Мустафа – посветен на работата за доброто на неговите сограѓани и на неговата заедница, Илкер е пример за волонтер на Црвен крст.