ноември 9, 2023
Активности по повод Светскиот ден на менталното здравје
На 21.10.2023, волонтери на Црвен крст Охрид, заедно со тимот за психо-социјална поддршка од нашата организација, движејќи се на кејот на Охридското Езеро и делејќи им овошје на случајните минувачи, упатија порака до своите сограѓани дека физичката активност, престојот во природа и здравата исхрана, покрај тоа што се важни за физичкото здравје, имаат позитивно влијание и врз менталното здравје. Негувањето на овие здрави навики е грижа и за менталното здравје. Местоположбата на Општина Охрид овозможува директен контакт со природата, услови коишто, доколку се користат, имаат придобивки за менталното здравје.
Исто така, второто издание на Coffee && Talks, активност на Клубот на млади на Црвен крст Охрид, беше посветено на дискусија за менталното здравје. Со младите дискутираа психолозите Ранко Раткушиноски и Марија Чанова и студентот во шеста година на општа медицина Георги Ставрески. Младите учесници во дискусијата покажаа голем интерес за темата и активно учествуваа во разговорот со свои коментари и прашања. Дискусијата се одржа на отворено, на брегот на Охридското Езеро, со кафе и во прекрасна атмосфера.
Овие активности се реализираа во рамките на проектот „И менталното здравје е важно!“ којшто Црвен крст Охрид го спроведува со поддршка од Општина Охрид.
Нема здравје без ментално здравјe!