мај 9, 2026

8 Мај – Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина

“ХУМАНОСТА ОБЕДИНУВА”– тоа е мотото со кое Црвен крст Охрид со низа активности, го започна одбележувањето на 8ми мај-Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина и Неделата на Црвениот крст и Црвената полумесечина од 8-15 мај.

По тој повод денеска, 08.05.2026 г., делегација на Црвен крст Охрид и Здружението „Анри Динан“ од Струга, претставници од Општина Охрид, волонтерите од Клуб на млади и од програмата за Грижа за стари лица од Црвен крст Охрид, положија свежо цвеќе пред бистата на Анри Динан, основоположникот на движењето на Црвениот крст.

Активностите на Црвен крст продолжуваат и во Неделата на Црвениот крст и Црвената полумесечина од 8–15 мај, во чии рамки ќе бидат реализирани дисеминациски сесии со различни целни групи, со цел истакнување на хуманоста и солидарноста како вредности што треба да се негуваат и практикуваат од најрана возраст и во текот на целиот живот. Воедно, ќе се реализираат и бројни активности за подигање на свеста за значењето на основните принципи, мисијата и визијата на организацијата, како и за изразување почит, признание и благодарност до волонтерите, партнерите и поддржувачите за нивната несебична поддршка.

< врати се назад