октомври 18, 2022
Студиска посета на Словенија
Во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“, во периодот од 7 до 11 октомври 2022, беше реализирана тематска студиска посета во Словенија, и тоа на следните организации/институции: Регионален парк Шкоцјанске јаме – подрачје под заштита на УНЕСКО; Спелеолошката спасителна служба на Словенија – спасителен центар во Крањ, Црвен крст Копер, како и помали заштитени подрачја помеѓу Трст (Италија) и Копер и Сежана (Словенија).
Во студиската посета учествуваа 8 претставници на Црвен крст Охрид, Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“, Јавната установа Национален парк Галичица и Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.
Целта на студиската посета беше да се разменат искуства, да се воспостави соработка, како и да се стекнат знаења за добри практики од областа на:
– Истражување, скицирање, мониторинг и заштита на пештерски екосистеми
– Воспоставување на систем на еколошка едукација за заштита на пештерски екосистеми и адаптација кон климатските промени
– Спасување на планина, спасување во пештери, работа со спасителни кучиња
– Адаптација кон климатските промени, превенција и дејствување при шумски пожари
– Проектно и програмско работење и управување на посетените организации/институции.
Посетата се искористи и за вмрежување помеѓу организациите и институции со цел поголема соработка, заштита на животната средина, како и можно идно заедничко аплицирање за проекти и истражувања.
Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT .