март 23, 2022

Работилница за прва психолошка помош за средношколци

 На ден 22.03.2022 година, во просториите на Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Охрид, се одржа работилница за прва психолошка помош за средношколци. Во работилницата учество зедоа десет ученици од медицинските паралелки и педагог од Средно општинско стручно училиште „Свети Кирил и Методиј“ – Охрид.
 
Во текот на оваа работилница, учесниците имаа можност да стекнат основни знаења за првата психолошка помош:
– што е прва психолошка помош
– зошто е важна
– кои се нејзините карактеристики
– кога и кому му се пружа
– кои се основните принципи на пружањето прва психолошка помош.
 
Особено внимание се посвети на предизвиците и стресните настани со коишто се соочуваат младите луѓе, врсниците на учесниците во работилницата. Работилницата беше интерактивна, така што учесниците се вклучија во дискусии и решаваа практични вежби.
 
Учесниците во работилницата покажаа интерес за темата којашто се разработуваше и изразија желба и во иднина да се организираат активности посветени на унапредување на менталното здравје.
 
 Работилницата ја одржаа тренерите по прва психолошка помош и психо-социјална поддршка од Црвен крст Охрид, Катерина Наумоска и Ранко Раткушиноски.
 
 
< врати се назад