декември 2, 2022

Недела на грижа на стари лица

Во рамки на одбележување на “Неделата на грижа на стари лица”(14-20 ноември), под мотото “Сите сме нивни деца” Црвен крст Охрид организираше повеќе активности.
 
Мобилен тим на Црвен крст Охрид дистрибуираше 50 хуманитарни пакети со прехранбени продукти и средства за хигиена до домовите на стари лица во социјален ризик. Овие хуманитарни пакети беа обезбедени во рамките на проектот „Заедно – активни и солидарни“ којшто ООЦК Охрид го имплементираше со поддршка од Општина Охрид.
 
На 23.11.2022 во просториите на Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца, одржани беа две работилници во коишто учество зедоа членови на Здружението – работилницата насловена „Концептот активно стареење“, којашто ја одржа Катерина Наумоска, проектен координатор во Црвен крст Охрид и работилницата насловена „Грижа за личното ментално здравје“, којашто ја одржа Ранко Раткушиноски, психолог, вработен во Црвен крст Охрид. Работилниците беа подготвени и се реализираа во рамките на проектот „Заедно – активни и солидарни“.
📢На 22.11.2022 година, волонтери од Клубот на млади присуствуваа на работилницата водена од Катерина Наумоска, каде преку кратко интерактивно предавање имаа можност да се запознаат со концептот на активно стареење како можност за развивање на меѓугенерациска солидарност.
 
На 28.11.2022, во просториите на Црвен крст Охрид, се одржа информативна работилница за правата од социјална и здравствена заштита, којашто ја проследија повеќе постари граѓани. Оваа работилница ја одржаа д-р Јованка Струрлакова Коровешоска од Центарот за јавно здравје и социјалниот работник Мира Врангалоска од Центарот за социјални работи.
 
Покрај наведените активности, во текот на Неделата на грижа за стари лица, Црвен крст Охрид и НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид започнаа пилот-проект насловен „Книгата поблиску до старите лица“ Имено, во следниве три месеци, постари лица кои сакаат да читаат, но не можат да одат во Библиотеката да земат книга, ќе бидат бесплатно зачленети во Библиотеката, а книгите до нивниот дом и назад во Библиотеката ќе ги дистрибуираат волонтери од Црвен крст Охрид.
< врати се назад