Мобилни тимови за поддршка на ранливите категории
Mобилните тимови на Црвен крст на Република Северна Македонија-Општинска организација Охрид и на Општина Охрид непрекинато седум месеци се вклучени во напорите за ублажување на последиците од пандемијата на КОВИД-19.
Овие тимови им укажуваат поддршка на ранливите групи граѓани од градот и од неговата околина, а во првите месеци од кризата им пружија поддршка и на лицата кои беа сместени во државните карантини во Охрид.
Започнувајќи од 16.03.2020 година, заклучно со ден 15.10.2020, овие тимови:
Oдговориле нa барања за набавка и достава на прехранбени продукти, на средства за хигиена и на лекови, како и за други видови асистенција на постари и изнемоштени лица, лица со хронични заболувања, самохрани родители, лица со попреченост и други граѓани на кои им била неопходна поддршка.
Испорачале пакети со хронична и онколошка терапија во соработка со Министерството за здравство, Клиниката за онкологија и Црвен крст на Град Скопје.
Доставиле пакети со прехранбени продукти и пакети со хигиенски средства, обезбедени од Црвен крст Охрид, Општина Охрид, општествено одговорни компании и организации и хумани граѓани.
Дистрибуирале мал пакет со леб и печива до домаќинства на лица во социјален ризик како дел од хуманитарната акција на Општинскиот кризен штаб и на „Жито леб“, која се реализираше од средината на април до средината на јуни.