
Заштита од топлотен бран
Со цел да придонесе кон промоцијата на препораките за заштита од топлото време, Црвен крст Охрид им подели на случајни минувачи по фреквентна улица шишиња со вода и летоци со совети. Исто така, спасителите на вода од Центарот за безбедност на вода при Црвен крст Охрид им поделија летоци со совети на посетители на неколку плажи.
Црвен крст Охрид им порачува на граѓаните да се придржуваат кон препораките за заштита од топло време:
Избегнувајте директно изложување на сонце и активности на отворено за време на најтоплиот период од денот (од 11 до 17 часот). Доколку е неопходно да бидете на отворено во тој период, често правете паузи под сенка.
Носете светла и лесна облека, заштитни очила и капа.
Останете во затворени и климатизирани простории. Преку ден држете ги прозорците и ролетните затворени, а отворете ги навечер кога температурата е пониска.
Внесувајте доволно течности во текот на целиот ден (не чекајте да почувствувате жед) – најдобар избор е водата, а алкохолните пијалаци треба да се избегнуваат.
Консумирајте умерена количина храна и притоа избегнувајте мрсна и висококалорична храна, како и храна што содржи голема количина шеќер.
Не оставајте никого во паркирно возило.
Грижете се за себе и за другите!






