октомври 5, 2025

ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО

Спорт, забава, едукација, дружење, насмевки и хуманост од бројните посетители и учесници кои го исполнаа Градскиот плоштад во Охрид денес при одвивањето на традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција, која во организација на Црвен крст Охрид и во партнерство со Стоматолошкиот центар „Др. Баткоски“ по 15-ти пат се одржува во Охрид.

Акцијата започна со „главна трка“ по Кејот Македонија за да продолжи со натпревари во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, пикадо, шах, вртење хулахоп, скокање со јаже. Прекрасни, насмеани и весели лица на дечињата се забавуваа потпевнувајќи ги детските песни на распеаните Рибарчиња, се натпреваруваа во бројните спортски дисциплини, со внимание ги следеа презентациите на ракометните вештини на ракометарите и тренерите од ракометната школа Седмерец, многу од нив ги искористија своите креативни вештини за цртање во едукативните уметнички катчиња за деца на Црвен крст Охрид и Стоматолошкиот центар „Др. Баткоски“, се сликаа на „360 степени апарат за сликање“, ја испробаа вештината на погодување на „тркалото на среќа“ освојувајќи вредни награди и секако, сите заедно уживаа во настапите на штуларите, аниматори, кловнови, мимичари, магионичари.

И овој пат не изостанаа едукативните совети на стручните лица од Стоматолошкиот центар „Др. Баткоски“ за правилна нега на хигиената на устата и забите и значењето на оралното здравје за секој поединец. Корисни совети и препораки за медицински третмани имаше на штандот на Референтниот центар на Жан Митрев клиник во Охрид, а Орифлејм-Македонија ги промовираше своите природни препарати за нега на кожата.

Како шлаг на тортата на овогодинешното издание на спортско-рекреативната хуманитарна акција „За посреќно детство“, која се реализира во рамки на Неделата на млади на Црвениот крст (1-7 октомври), кога Клубот на млади го прославува својот 29-ти роденден, беше Rock and Mob настанот, на кој младите уживаа и го поздравија прекрасниот настап на охридските музички бендови: „Камелеон“, „The Backdoor band“, „Urban Planet“ и „No Fun“.

Сите оние кои купиле учеснички број учествуваат во големата наградна игра на Црвен крст Охрид со преку 30 вредни награди кои ќе бидат извлекувани, во емисија во живо, на 27 октомври 2025 година. 🎥

Оние кои не стигнале да купат учеснички број, а сакаат да се дел од големата наградна игра и помогнат на децата од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца, истиот можат да го обезбедат во просториите на Црвен крст Охрид по цена од 50 денари, најдоцна до 20.10.2025.

Црвен крст Охрид изразува благодарност до партнерот Стоматолошки центар „Др.Баткоски“ и сите општествено одговорни поединци, фирми институции, кои ја помогнаа и поддржаа реализацијата на хуманитарната спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“.

< врати се назад