
Теренска активност со тим за прва помош и делење на хуманитарни пакети со прехранбени и хигиенски производи
Во рамки на долгогодишната соработка помеѓу Црвен крст Охрид и Црвен крст Зеволде од Холандија, на 21 мај 2025 година беше реализирана теренска активност со тим за прва помош и инструкторот за прва помош од Холандија, Роб Судмеијер. Обучениот тим за прва помош беше дел од напредната обука за парамедици според меѓународната програма PHTLS (Pre Hospital Trauma Life Support) одржана во септември 2024 година. Обуката за парамедици која ја реализираше општинската организација во соработка со Црвен Крст Зеволде од Холандија доаѓа како резултат на долгогодишната взаемна соработка, а започна во 2015 година кога беше донирано амбулантно возило со опрема.
Во рамките на континуираните активности за унапредување на здравствената грижа и социјалната поддршка, мобилната амбуланта на Црвен крст на Охрид ги посети селата Куратица и Свињишта. Посетата беше насочена кон овозможување здравствени услуги на жителите кои потешко доаѓаат до примарна здравствена заштита. Во текот на посетата беа извршени основни здравствени прегледи, вклучувајќи мерење на крвниот притисок, мерење на нивото на шеќер во крвта, како и ЕКГ прегледи за рана детекција на кардиоваскуларни заболувања.
Покрај здравствените услуги, беа доделени и хуманитарни пакети со прехранбени и хигиенски производи на дел од семејствата кои се наоѓаат во социјален ризик. Оваа активност е дел од нашата поширока мисија за поддршка, солидарност и хуманост кон најранливите категории на население. Хуманитарната помош беше обезбедена во рамки на проектот „Денови на солидарност“, кој Црвен крст Охрид го реализира со поддршка од Општина Охрид.
Голема благодарност до сите волонтери, медицински лица и партнери кои континуирано придонесуваат за хуманост на дело и подобрување на квалитетот на живот за сите!




















