јануари 15, 2026

Посета на Црвен крст Зеволде за време на традиционалното новогодишно капење

Во рамките на меѓусебната десетгодишна соработка, Весна Терзиоска, член на Раководниот одбор на Црвен крст на Република Северна Македонија, и попретседател на Црвен крст Охрид, ја посети сестринската организација на Црвен крст во Зеволде, Холандија. Таа со воодушевување набљудуваше како храбрите (и често облечени во ведри бои) капачи се соочуваат со студената вода.

Од пунктот за прва помош на Црвен крст Зеволде, таа, исто така, разговараше со Локално радио Зеволде на англиски јазик.

Весна се наврати на почетоците на соработката во 2015 година кога Црвен крст Зеволде ѝ донираше на својата партнерска организација, Црвен крст Охрид, целосно опремено професионално амбулантно возило. Ова беше овозможено благодарение на дарежливоста на Општинската здравствена служба Флеволанд (GGD Flevoland) којашто, иако возилото формално било отпишано, донираше целосно функционално

амбулантно возило. Сепак, Црвениот крст требаше самостојно да ја обезбеди опремата.

Средствата беа собрани преку повеќе акции, вклучувајќи и донаторска вечера и специјална кампања на GGD. Потоа, вработени во GGD го одвезоа амбулантното возило во Охрид и спроведоа основна обука за користење на возилото и сета негова опрема.

Како што Весна објасни за време на интервјуто, оваа, првична иницијатива за соработка прерасна во нешто многу поголемо. Заедно со вработени во GGD Флеволанд, Црвен крст Охрид започна да обучува парамедици. Обучени беа вкупно три групи од по петнаесет членови. Најдобрите четири лица од првите две групи добија можност за практична работа во амбулантните служби на GGD Флеволанд и Кијлстра во Леуварден. Заедно со инструкторот Роб Судмеијер, Весна особено се гордее што шест од тие осум парамедици продолжија на студии по медицина. Два од нив веќе станаа лекари и ќе ја спроведуваат натамошната едукација во Македонија.

Инструкторот Роб Судмеијер беше вклучен во обуките од самиот почеток. Во мај 2025 година, тој повторно го посети Охрид и отиде на терен заедно со парамедиците коишто помогна да се обучат. По десет години, возилото сè уште одлично функционира, но сега главно се користи како мобилна амбуланта во планинските села во околината на Охрид каде што пристапот до здравствена грижа не е загарантиран.

Роб во иднина нема да биде активно вклучен во обуки, но ќе помогне да се изработи програмата за обуките. И, заедно со неговата колешка Лусиен Бронс, која исто така е вклучена од самиот почеток, ќе започне уште една акција за собирање средства – за донација на два професионални манекени за едукација за сложени процедури за итна медицинска помош.

Фотографија број 1: Весна Терзиоска разговара со Локално радио Зеволде од пунктот за прва помош на Црвениот крст

Фотографија број 2: Од лево кон десно: лидерот на тим Рој Линтјес (Црвен крст Зеволде), инструкторот Роб Судмеијер и Весна Терзиоска од Црвен крст Охрид

https://www.zeewolde-actueel.nl/…/buitenlands-bezoek…
< врати се назад