септември 21, 2026

ПО ДЕВЕТНАЕСЕТТИ ПАТ СЕ ОДРЖА АКЦИЈАТА „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“

На 19 септември 2026 година, во центарот на Охрид, по деветнаесетти пат се одржа „За посреќно детство“, хуманитарната и спортско-рекреативна акција што Црвен крст Охрид ја организира во партнерство со Стоматолошки центар „Д-р Баткоски“. Целта на оваа акција е промоција на здравите навики и на хуманоста.

Акцијата започна со ревијална трка на Кеј Македонија и продолжи со натпреварување во повеќе спортски дисциплини – фудбал, ракомет, скокање со јаже, вртење хулахоп, пикадо, шах. Исто така, младите посетители имаа можност да се забавуваат, да научат нешто ново и да добијат подароци. Акцијата се одвиваше во мошне весела атмосфера и во духот на спортот, заедништвото, другарувањето и хуманоста. Прекрасен ден!

Средствата собрани од продажбата на учесничките талончиња се наменети за помош на деца од социјално загрозени семејства. Црвен крст Охрид им благодари на сите граѓани што ја поддржаа акцијата купувајќи учесничко талонче.

Секој што купил талонче е потецијален добитник на вредна награда. Извлекувањето на добитните талончиња ќе се спроведе во втората половина на месец октомври.

Црвен крст Охрид им изразува огромна благодарност на сите општествено одговорни фирми и поединци кои ја помогнаа годинашната акција „За посреќно детство“. Исто така, Црвен крст Охрид им благодари на своите волонтери кои учествуваа во организирањето и реализирањето на акцијата.

< врати се назад