декември 28, 2025

ПЕТАРДИТЕ НЕ СЕ ИГРАЧКА

Во рамки на своите здравствено-превентивни активности, Црвен крст Охрид ја продолжи соработката со СВР Охрид – Одделението за превенција, со посебен акцент на превенцијата од ризиците предизвикани од употребата на пиротехнички средства.

Денеска, на Градското пристаниште, пред споменикот на „Фаќачот на крст“ во Охрид, припадници на СВР Охрид – Одделение за превенција и волонтери на Црвен крст Охрид спроведоа едукативна активност при која беа делени информативни материјали за опасностите и последиците од користењето на петарди и други пиротехнички средства. Преку директна комуникација со граѓаните беше нагласено дека употребата на пиротехнички средства претставува сериозен ризик по здравјето и безбедноста и дека истата е законски санкционирана.

Во рамки на активноста беше реализирана и симулациска показна вежба, при која парамедиците на Црвен крст Охрид прикажаа повреди на екстремитети настанати од експлозија на петарди, како и правилно укажување на прва помош при ваков тип на повреди. Целта на симулацијата беше преку реалистичен, но едукативен пристап да се подигне свеста кај граѓаните за сериозноста на последиците кои може да настанат од несовесна употреба на пиротехнички средства.

Преку оваа активност беше испратена силна и јасна порака дека „ПЕТАРДИТЕ НЕ СЕ ИГРАЧКА“, со апел до децата, младите, но и до родителите за поголема одговорност, внимание и грижа, со цел претстојните Новогодишни и Божиќни празници да поминат безбедно, без повреди и несакани последици.

< врати се назад