
Охриѓани од денес секој петок имаат можност за бесплатно психолошко советување
Охриѓани од денес имаат можност за бесплатно психолошко советување во рамки на здравствено-превентивни активности на Црвен крст Охрид, а преку воспоставената соработка со Анима-Центарот за личен развој, едукација и психотерапија. За оваа услуга претходно треба да се закаже термин, а советувањето се одвива во просториите на Црвен крст Охрид секој петок од 9 до 12 часот.


Здравствено превентивната дејност е една од основните дејности на Црвен крст Охрид и во нејзини рамки преземаме активности кои што се насочени кон унапредување на грижата за здравјето, вели Катерина Наумоска, проектен координатор во Црвен крст Охрид.
Активностите ни се насочени кон промоција и на физичкото и на менталното здравје. Менталното здравје е витален елемент на општото здравје и има силно влијание врз квалитетот на животот на луѓето. Нема здравје без ментално здравје. Оттука менталното здравје е од суштенско значење за сите нас и како индивидуи и како заедница. Водејќи се од тоа, Црвен крст Охрид континуирано работи на јакнење на својата подготвеност да пружа психолошка прва помош и психосоцијална поддршка во кризни и итни ситуации. Овие форми на поддршка ги опфаќаат и емоционалните и практичните потреби на луѓето погодени од немил настан и придонесуваат кон намалување или превенирање на нивните страдања, посочува Наумоска.

Вели дека има интерес кај нашите сограѓани и упатува повик до граѓаните кои сметаат дека би имале корист од психолошко советување, да се јават и да закажат средба.

Советувањето го спроведува гешталт советникот Мерсиха Исмајлоска која вели потребата од психолошко советување не ни се случува само кога имаме некаква мака, таа се случува и кога сме љубопитни за тоа кои сме ние, која е нашата цел.
Се оди на советување и за личен развој. Но, и тоа како можеби по потребно да се посети психолог или да се дојде тука во просториите на Црвен крст кога се соочуваме со некакви симптоми. Тие симптоми имајќи го предвид денешниот начин на живеење, може да бидат потешкотии во изразување на нашите емоции, освестување на нашите емоции, анксиозност, несоница и многу често можеби најблиската околина прва да примети дека можеби ни треба помош и некако суптилно да не наведе да ја побараме таа помош, посочува Исмајлоска.
Гешталт, објаснува, е психотерапевтски правец кој се формирал некаде педесеттите години на претходниот век и истиот е една доста емпатична техника која работи на пракса, а не толку на теорија со доста експерименти, со огромна љубопитност за она што клиентот го носи пред нас.
Оваа соработка почна прв пат оваа година. Јас како едукатор на Анима центарот ја спроведувам таа помош благодарејќи на Црвен крст Охрид кој имаше слух за тоа и ја потврди својата мисија на свесност за она што е ментално здравје и свесност за нашите потреби, нашите желби и слично. Тоа всушност е и гешталтот живеење овде и сега, што доаѓаме во нашето овде и сега што носиме во нашето овде сега. Најчесто тоа се незавршени процеси, наши неосвестени потреби, интегрирање на сè она што сме позаборавиле во текот на живеењето да интегрираме како дел од нас, истакна.

Додава дека клиентот при првата средба доаѓа и тоа е пред сè еден информативен разговор за запознавање.
Не секогаш во првата средба се користат техниките на гешталтот и се остава барем неколку дена клиентот сам да процени дали би закажал уште една средба. Значи, јас како советник не би инсистирала на уште една средба доколку самиот клиент не процени дека има потреба од средба. Обично се оди за да се завршат процесите кои би започнале од прва, втора, трета средба до кај десет средби. Меѓутоа, ако има потреба се оди и повеќе. Посебно ако некој има желба за личен развој, тоа знае да трае и подолго. Меѓутоа не се случува чудо само од една средба, така што треба доста работа, доста е суптилна техниката, така што промената се случува баш тогаш кога престануваме да ја бараме и и треба време.
Инаку, сите заинтересирани лица за бесплатно психолошко советување можат да закажат термин на телефонскиот број 070 729 615.





