март 2, 2026

Национална годишна конференција за планинско спасување

Во саботата (28.02.2026) на Попова Шапка се одржа Националната годишна конференција за планинско спасување, на која со свои претстваници учествуваа сите организации за планинско спасување од државата, членки на Националниот Сојуз за Планинско Спасување.

Целта на конференцијата беше анализа на сработеното во изминатата година, размена на искуства меѓу организациите, како и отворање дискусија за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат спасувачките тимови.

Со особено задоволство, пред присутните беше презентиран и проектот „Волонтери во акција за безбедност на луѓето и заштита на природата“, со кој НСПС значително ќе го зајакне материјално техничкиот капацитет за спроведување на обуките за спасувачи, но и за опретивно делување во Полошкиот и Југозападниот регион од државата. Проектот е финасиран од ЕУ ИПА 3 програмата за прекугранична соработка со Албанија, а НСПС овој проект го спроведува во партнерство со Црвен крст Охрид и Национален парк Галичица од македонска страна и федерацијата за планинарство и туризам и општина Пеќин од албанска страна. Вкупниот буџет на проектот изнесува 796.000 евра.

Традиционално, во рамки на конференцијата беше одржана и презентација за најновите случувања и препораки на International Commission for Alpine Rescue (ICAR), проследена со потсетување и практична демонстрација на дел од клучните насоки за безбедно и ефикасно изведување на спасувачките операции.

Оваа година, практичниот дел беше посветен на личната безбедност на спасувачите во зимски услови – задолжителната и дополнителната опрема за лична заштита, како и специјализираните средства за безбеден транспорт на повредени лица во снежни планински услови.

Во рамки на настанот се одржа и редовното годишно собрание, на кое беа усвоени извештаите за работата на Сојузот во изминатата година, како и планот и програмата за 2026 година.

Како клучен приоритет и понатаму остануваат континуираната доедукација и професионална надградба на волонтерите во согласност со меѓународните стандарди, доопремувањето на организациите со современа специјализирана опрема, како и интеграцијата на НСПС во државниот систем.

Нашата заедничка цел е јасна – обезбедување брза, ефикасна и професионална Планинска спасителна служба на територијата на целата држава, во согласност со меѓународната пракса и препораките на ICAR.

< врати се назад