
Месец посветен на ретките болести
По повод одбележувањето на месец февруари – месецот посветен на ретките болести, на последниот редовен состанок на Клубот на млади при Црвен крст Охрид се одржа едукативна работилница за знаковен јазик, на која присуствуваа 38 волонтери.
Работилницата беше реализирана од страна на нашиот долгогодишен волонтер Ангел Крстески, кој по трет пат ја одржува оваа работилница во рамки на Клубот на млади, уште еднаш потврдувајќи ја својата посветеност во унапредување на знаењата и вештините на младите.
Присутните волонтери, преку интерактивни вежби, практични активности и едукативни игри, имаа можност да ја научат дворачната азбука на македонскиот знаковен јазик, но и да се запознаат со основните принципи на невербалната комуникација.
Ваквите активности придонесуваат кон градење на поинклузивна заедница, развивање на емпатија и подигнување на свеста за важноста од еднаква комуникација со лицата со оштетен слух.









