ноември 23, 2022
Интернационален Бреинобреин натпревар
Шест деца кои ја следат Бреинобреин програмата во Центарот за развивање животни вештини БОБ-Црвен крст Охрид, ќе учествуваат на 8-от интернационален Бреинобреин натпревар кој ќе се одржи на 26.11.2022 во Дубаи, Обединети Арапски Емирати. Предводени од тренерите на БОБ центарот од Охрид и своите родители, децата денес заминуваат за Дубаи.
Учеството на охридските Бреинобреин генијалци на овој светски натпревар, заедно со своите врсници од 44 земји од светот, претставува чест за нашиот центар, но и голем предизвик и одлична можност за достојна презентација на нашите млади потенцијали од Бреинобреин-Црвен крст Охрид центарот, на овој реномиран светски настан.
Црвен крст Охрид-Бреинобреин е првиот центар во Македонија кој во 2010 година започна со имплементација на меѓународната едукативна програма Бреинобреин, преку која, со посебни методи и техники се овозможува да се подобри и да се реализира целосниот мозочен капацитет и развиваат животните вештини кај деца од 4-14 годишна возраст. Оваа висококвалитетна програма потекнува од Индија и повеќе од 20 години успешно ги трансформира животите на милиони деца низ целиот свет, вклучени во работата на преку 1000 франшизни центри во 44 земји во светот: Индија, Велика Британија, САД, Обединети Арапски Емирати, Австралија, Србија, Хрватска, Македонија, Кувајт, Полска, Бугарија, Австрија, Тајланд, Норвешка…
Во Македонија работат 12 франшизни центри во кои бреинобреин програмата ја следат преку 500 деца. Центарот Бреинобреин-Црвен крст Охрид како првоотворен и најстар центар во Македонија и на Балканот особено се гордее со успесите и извонредни резултати на децата од нашиот центар на Државните натпревари во 2013 и 2014, 2016, 2017 и 2018 г. во Скопје, на Интернационалниот натпревар во Загреб, Хрватска во 2015 година и во Белград 2018 г. со освојување на највисоките награди и признанија. Особено го истакнуваме успехот на нашите Бреинобреин генијалчиња на светскиот Бреинобреин натпревар во Дубаи во 2015, 2018 и 2021 година.