
ХУМАНИТАРНА И СПОРТСКО-РЕКРЕАТИВНА АКЦИЈА „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО
На три дена пред стартот на традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“, ве потсетуваме да си обезбедите учеснички број и да бидете дел од настанот кој го промовира спортскиот дух и ја развива свеста кај населението за солидарност, хуманост и пружање на потребната помош на оние кои се соочуваат со социјални или здравствени тешкотии.
На 19 септември 2026 година во 11 часот започнуваме со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од Кеј Македонија пред х. Палас, а цел на Кеј Македонија пред Центар за култура „Григор Прличев“, каде ќе продолжат спортските, културно-забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број вредни награди.
Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата (1 учеснички број = 50 ден.) ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени тешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца. Секој кој ќе купи учеснички број станува потенцијален добитник на награда на денот на одржување на настанот и ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, шах, вртење хулахоп, пинг-понг, скокање со јаже, пикадо и други креативни игри.
Традиционален партнер на акцијата „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ е Стоматолошки центар Д-р Баткоски кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.
Продажбата на учесничките броеви е веќе во тек. Мобилните тимови на волонтери на Црвен крст Охрид ќе бидат достапни со учесничките броеви на повеќе пунктови во градот, а учесничките броеви ќе можат да се набават и во просториите на Црвен крст Охрид, ул. Димитар Влахов бр. 52, како и на самиот ден на настанот на Градскиот плоштад „Климент Охридски“.





