јануари 16, 2026

Евакуација на принудно слетан параглајдерист на Галичица

Ова е првата интервенција на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид во 2026 година.

Во текот на вчерашниот ден, во 15:10 часот, оперативниот центар на ПСС доби повик од параглајдинг заедницата, со информација дека параглајдерист кој полетал од превојот Баба на планината Галичица, поради неповолни воздушни струења, не бил во можност да продолжи кон вообичаените слетишта на охридската страна.

Како резултат на тоа, тој принудно, но безбедно слетал на висорамнината Суво Поле, во централниот дел на Галичица.

Поради непроодноста на теренот, големите наноси од снег и значителната оддалеченост од најблискиот пристапен пат, беше побарана наша интервенција. Веднаш по добиениот повик, еден тим на ПСС со специјално теренско возило АТВ опремено со гасеници за движење во снежни услови се упати на терен.

Во ноќни услови, во 16:50 часот, спасителниот тим успешно стигна до параглајдеристот и истиот безбедно беше евакуиран и пренесен до возилото и неговите колеги со кои заедно изведувале летови на Галичица.

! Апел за внимателност !

Уште еднаш апелираме до сите љубители на планинските и воздушните авантури за зголемена внимателност во овој период од годината, имајќи ги предвид дополнителните фактори на ризик – краткиот ден, ниските температури и снежната покривка кои доминираат на планините.

Потсетуваме на неопходноста од:

-почитување на правилата на планината,

-користење соодветна и комплетна опрема,

-поседување мобилен телефон со полна батерија, со цел навремено информирање на нашата служба во случај на потреба.

На сите љубители на планините им посакуваме безбедни зимски авантури, а Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид останува подготвена да помогне секогаш кога објективните околности ќе го наложат тоа.

< врати се назад