
ДЕН НА КРВОДАРИТЕЛСТВОТО ВО РСМ
На сите крводарители, мотиватори, членови, волонтери и вработени во Црвен крст Охрид, соработници од трансфузиолошките служби, поддржувачи, им го честитаме Денот на крводарителството и благодариме за солидарноста, посветеноста и ентузијазмот во спроведувањето на хуманитарните активности.
Дарувањето крв е доброволно, анонимно и бесплатно и претставува израз на високо етички, хумани, морални и патриотски вредности, но истовремено и граѓанска должност и обврска на секој човек.
Човечката крв е лек кој единствено може да се обезбеди со дарување.
Да се дарува крв и да се спаси животот на болниот и повредениот, кого, можеби и не го познаваме и кого, веројатно никогаш нема да го запознаеме е најубаво и најблагородно дело кое може да го исполни човекот.
Сите кои се чувствувате здрави, ДАРУВАЈТЕ КРВ, од тоа нема похумано. Бидете член на охридското крводарителско семејство, на семејството на Црвениот крст кое е големо и сложно. Нашите членови меѓу себе не прават разлики, зошто нас нé поврзува и обединува најсилното нешто, хуманоста.





